Што е булинг?

Агресивно однесување преку кое некој намерно и континуирано предизвикува психичкa, физичка или социјална штета на друго лице.

По пат на употреба на физичка сила, закани или навреди, лицето-сторител на насилство најчесто има за цел да доминира или покаже моќ над другата личност – жртвата, т.е да и направи да се почуствува помалку моќна и беспомошна.

Булингот т.е врсничкото насилство не е резултат само на индивидуалниот карактер. Ова однесување е под постојано влијание на околината и сите ние имаме одговорност да придонесеме за негово спречување.

Со игнорирање влијаеме– негативно, со зборување и кревање свесност за проблемот, влијаеме – позитивно.

Ефекти и последици

Долгорочни последици на врсничко насилство (булинг)

Покрај промените во однесувањето кои може да се забележат брзо, листата на долгорочни последици кои може да ги предизвика булингот е долга. Негативни долгорочни последиците може да има и кај жртвите и кај сторителот на насилство, но и кај пасивните набљудувачи.

Некои од долгорочните последици кои може да се јават се:

  • постојан страв и анкциозност;
  • социјална изолација
  • чувство на вина и срам
  • чувство на беспомошност и безнадежност
  • ниска самопочит и самодоверба,
  • нарушени социјални вештини и тешкотии во формирањето здрави врски
  • потешкотии со концентрација, учење и академскиот успех
  • хронични проблеми со менталното здравје
  • проблеми со физичкото здравје
  • самоповредувачко однесување
  • самоубиствени мисли, идеи или обид за самоубиство
  • пост трауматски стрес врзан со овие негативните искуства.

Подолг период се мислеше дека негативните искуства поврзани со булинг се нештокое децата низ годините сами го надминуваат. Но, сега веќе има научни истражувања кои покажуваат дека долгорочните последици од булингот се реални и можат да предизвикаат сериозни психолошки, емоционални и физички потешкотии во иднина.

Некои од ефектите може брзо да се забележат кај деца кои директно или индиректно се дел од булинг, но долгорочните последици може да бидат присутни многу години по непријатните искуства, дури и во возрасните години, доколку децата не добијат навремена психолошка помош.

Митови и факти

„НЕ БИДИ КУКАВИЦА! СПРОТИВСТАВИ СЕ!“

На насилството не се става крај со поголемо насилство. Ваквиот одбранбен механизам ја влошува ситуацијата и испраќа порака дека насилството е нормално решение за еден конфликт.

„ТОА Е САМО ПУБЕРТЕТСКА ФАЗА.“

Булингот не е нормална фаза за време на пубертетот и треба да се третира со голема серизност и иницијатива за разрешување.

„ЗБОРОВИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ПОВРЕДАТ.“

Зборовите повредуваат и оставаат физички невидливи лузни. Ефектите од вербалното насилство се подеднакво сериозни (понекогаш и посериозни) и опасни како и тие од физичкото насилство.

„БУЛИНГОТ ГИ ПРАВИ ДЕЦАТА ПОСИЛНИ.“

Булингот е знак за слабост. Не прави никого посилен и може да има сериозни негативни ефекти врз менталното здравје на жртвата и да резултира со депресија, анксиозност и ниска самодоверба.

„ТИЕ САМО СЕ ШЕГУВААТ.“

Шега е шега, булинг е булинг. Важно е да направиме разлика помеѓу овие два поима и која било форма на насилство, вербална или физичка, да ја третираме со огромна сериозност и иницијатива за спречување.

„ТАКА СЕ РАСТЕ!“

Булингот, не е однесување кое позитивно придонесува врз созревањето на една личност. Напротив, може да има повеќе, долготрајни негативни ефекти и врз жртвата и врз сторителот на насилство.

„ДЕВОЈКИТЕ НЕ СЕ СИЛЕЏИИ.“

Девојките исто како и момчињата, може да бидат дел од булингот. Најчесто кај нив булингот се манифестира во форма на посуптилна агресија, како што се социјалното исклучување, ширење гласини или сајбер-малтретирање.

„АКО СИ СЛАБАК НЕКА ТЕ ТЕПААТ.“

Жртвата на булинг не е виновна и спротиставувањето не е најбезбедната опција. Најефикасен начин за да се спречи конфликтот, е жртвата да побара помош од родител, одговорно лице или лице во кое имате доверба.

„АКО КАЖЕШ, ТОГАШ СИ КОДОШ.“

Доколку жртвата на булинг се обрати кај својот родител или кај некој авторитет во училиштето тоа не е кодошење. Тоа е барање на помош и е најдобрата одлука која може да се донесе при соочување со булинг.

„СО КАЗНА СЕ СЀ РЕШАВА.“

Спроведувањето на казнени мерки за сторителите на насилство не го решаваат проблемот, напротив може да го влошат. Сторителите на насилство треба да разговараат со стручно лице кое ќе им помогне да ја пронајдат причината за проблемот и да го решат.

„КОЈ СЕ ТЕПА ТОЈ СЕ САКА.“

Насилството не е средство за искажување на љубов и никогаш не треба да се толерира или оправдува.

„СЕ ЗАПОЧНУВА ВО УЧИЛИШТАТА.“

Булингот најчесто започнува во училиштата, но тоа не е единственото место кое е извор на вербално и физичко насилство. Булингот некогаш може да започне дома, за време на излегување, на социјалните медиуми и слично.

„ИГНОРИРАЈ И ЌЕ ПОМИНЕ.“

Игнорирањето на булингот може да ја влоши ситуацијата и да предизвика жртвата да се чувствува изолирана и неподдржана. Важно е да се побара помош и да се реши проблемот.

„МОМЧИЊАТА ЌЕ БИДАТ МОМЧИЊА“

Оваа изјава е штетен стереотип и оправдува неприфатливото однесување. Сите форми на насилство треба да се решат и да се дефинираат како неприфатливи.

„БУЛИНГОТ ЛЕСНО СЕ ПРЕПОЗНАВА“

Булингот не секогаш лесно се препознава. Доколку забележите дека некој ваш соученик или дека вашето дете има нагли промени во однесување, не дозволувајте овие знаци да поминат без разговор. Разговарајте и пробајте да откриете дали постои некаков проблем.