Крајно време е да кренеме глас против врсничкото насилство!

Кога се зборува за општествена одговорност, јавноста, а и поголемиот дел од самите компании, најчесто под тоа подразбираат – донации. Несомнено, финансиската и материјалната помош мора да бидат дел од одговорното однесување на компаниите кон својата заедница, но дали е тоа доволно? Дефинитивно НЕ!

Одговорноста кон општеството што сите заедно го делиме се демонстрира и со постапки и активности кои што лоцираат одреден проблем што повеќето граѓани ги засега и можеби најбитно – нудат решение!
Ако сите веруваме дека децата и младите се нашата иднина, тогаш бездруго, како тие растат и се развиваат веројатно ќе биде пресудно и како самите во иднина ќе се однесуваат.

На овој план, врсничкото насилство е алармантен проблем за којшто ние во „Макпетрол“ сметаме дека премногу долго се игнорира. Повеќето од нас или молчат, или вртат поглед или не слушаат. За штетите од ваквото однесување дознаваме кога е премногу доцна.

Со цел ова да го промениме, за сите заедно – и родителите, и професорите, и децата – да научиме да реагираме навреме, одлучивме да ја отпочнеме оваа кампања. Свесни сме дека ова е премногу голем проблем за којшто не постои брзо решение, но убедени сме оти со овој наш чекор, ќе започне соочувањето со врсничкото насилство.

КРАЈНО ВРЕМЕ Е СИТЕ ДА КРЕНЕМЕ ГЛАС!